Балкан
11. July 2015 - 8:56

Дваесет години од злосторствата во Сребреница

Повеќе од 90 странски делегации меѓу кои и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу ќе присуствуваат денеска на одбележување на 20 години од злосторствата во Сребреница.

Со денешната комеморација во Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат одбележани 20 години од масовните убиства на бошњачко население во Сребреница, кои според обвинението на Хашкиот трибунал ги извршиле припадници на Војската на Република Српска во јули 1995 година.

Претседателот на Организацискиот одбор и началник на општина Сребреница Ќамил Дураковиќ изјави за Танјуг дека свое присуство потврдиле премиерот на Србија, како и претседателите на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

- Многу ни е важно регионот во вистинска смисла да биде присутен, изјави Дураковиќ.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вчера изјави дека на премиерот на Србија Александар Вучиќ му е соопштено дека, според проценките, безбедносната ситуација во Сребреница е сложена, и оти на него останува да донесе одлука дали ќе оди на комеморацијата.

Стефановиќ на прес-конференција рече дека е проценето оти безбедносната ситуација во Сребреница е сложена, оти се очекуваат поголем број екстремисти, има потврда дека некои се веќе таму, а некои оти ќе дојдат овие два дена.

Стефановиќ наведе дека во делот на медиуми во БиХ, „се емитуваат пораки на омраза кон Србите, а особено кон премиерот Вучиќ“.

Тој исто така изјави дека сите собири кои утре се закажани пред српското Собрание се забранети.

- Министерството за внатрешни работи по безбедносните и оперативни проверки одлучи да ги забрани сите собири закажани за утре пред Парламентот. 

Стефановиќ појасни дека за утре биле закажани пет собири во различни периоди кои ги најавиле Двери, Иницијативата на млади за човекови права, Здружение на семејства киднапирани и убиени од 1998 до 2000 и други. 

Свое присуство потврдиле и јорданската кралица Нур, заменикот генерален секретар на ОН, Жан Мари Гено, министри за надворешни работи од голем број европски држави, како и претставници од музејот на холокаустот во САД.

На комеморацијата ќе присустува  и помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд, која од утре до 14 јули ќе претстојува во посета на земјите од Западен Балкан.

Дураковиќ вели дека на комеморацијата се очекуваат меѓу 50.000 и 70.000 граѓани. Повеќе од две илјади полицајци ќе се грижат за безбедноста, додека акредитирани се повеќе од 800 новинари. На комеморацијата ќе се обратат 16 официјални лица. 

Поранешната портпаролка на Хашкиот трибунал, новинарката Флоренс Артман, изјави оти е уверена, врз основа на документите и разговорите, дека за настаните во Сребреница голема одговорност сносат Франција, Велика Британија и САД.

- Им беше важно да го добијат мирот по секоја цена, а таа цена е осум илјади мажи и млади момчиња од Сребреница, образложи Артман во интервју за ХРТ.

Таа изрази уверување дека тие три држави ја жртвувале Сребреница за да го принудат Слободан Милошевиќ го потпишe Дејтонскиот договор, односно да се согласи на мир, а тие ги извлекле своите војници од тој дел на БиХ.

Инаку, Артман ја објави својата втора книга која се занимава со војната во БиХ, во слободен превод „Случајот Сребреница - политичко крвопролевање“.

Откако во средата Советот за безбедност на ОН ја одби британската резолуција за Сребреница, американскиот државен секретар Џон Кери вчера порача дека на жртвите од Сребреница и сите воени жртви треба да се сеќаваме не само денеска, туку секојдневно. 

Кери по повод 20 години од масакрот во Сребреница, изјави дека тоа е несовесно злосторство против човештвото и силен потсетник на потребата светот да се спротивстави на секоја форма на зло, како и да стане во одбрана на човековите права и достоинство. 

- Тие што извршиле злосторство мора да бидат изнесени пред лицето на правдата. А ние мораме да се сетиме на жртвите од Сребреница и сите воени жртви, не само денеска, туку секојдневно, соопшти Кери, пренесува Гласот на Америка.