Македонија
8. May 2016 - 13:33

Два случаја на илегални мигранти откри полицијата

Во два одвоени случаја полицијата вчера открила илегални мигранти. Во првиот случај, на влез во село Стојаково од правец на гевгелиското село Богородица вчера во шест часот полициски службеници пронашле 57 илегални мигранти во близина на товарно моторно возило „ФАП“ со велешки регистарски ознаки. 

Од нив, 28 биле од Авганистан, 22 од Ирак, три од Пакистан, еден од Сирија, двајца од Иран и еден од Индија.

Како што информира МВР, во 11 часот вчера тие биле приведени во полициска станица на граничниот премин „Богородица“ и ќе бидат спроведени до Прифатен центар за странци на МВР. Возилото со потврда е предадено на инспектори од Регионален центар-Југ за понатамошна постапка.

Во вториот случај тројца малолетни мигранти се откриени во камион кај скопско Идризово. Како што информира МВР, возачот на камионот Б.Ѓ. од Ниш, Србија, вчера во 17 часот од својата приколка слушнал гласови кои барале помош.

Камионот, со српски национални ознаки, тој го паркирал на паркинг-простор во населба Дрма, атар на скопското село Идризово, во утринските часови откако од Грција влегол во Македонија.

Попладнето во 17 часот кога се подготвувал да го продолжи патувањето, Б.Ѓ. слушнал дека во приколката, која била со царинска пломба, има луѓе кои викале за помош.

- По добиената пријава, на местото се упатени служби од СВР Скопје, Царина, Економски криминал и Регионален центар ГР Север (мобилен граничен тим). Од службениците од Царина е скината царинската пломба на приколката и внатре се пронајдени три малолетни лица- мигранти кои според нивно кажување се на возраст од 17 години и две на возраст од 15 години. Службите на МВР преземаат понатамошни мерки, информира МВР.