Бизнис
7. January 2016 - 12:27

Два милиона евра од ИПА 2 за окрупнување на земјоделското земјиште

Два милиона евра до 2017 година од ИПА 2 програмата има Македонија за консолидација на земјиштето. 

Малите и фрагментирани површини, како и големиот број просторно раздвоени парцели се уште се една од клучните слабости на македонското земјоделство која го лимитира обемот на производството, создава дополнителни трошоци, оневозможува примена на современи агротехнички мерки и механизација. 

Како што вели ресорниот министер Нихаил Цветков, без консолидација на земјиштето не можеме да очекуваме квалитетно, конкурентно земјоделство.

Според него, промената на постојната состојба е комплициран и долготраен процес особено ако се има предвид дека просечната големина на земјоделските стопанства е од 2,5 до 2,8 хектари, а на катастарските парцели 0,3 до 0,5 хектари што е далеку под европската која изнесува 20 хектари. 

Експертите укажуваат и на сензитивноста на процесот зашто окрупнувањето ја тангира сопственоста на земјоделците.

- Практично, ништо не е спорно во сопственоста, туку во потребата да се менуваат меѓите. Но, тоа помладите фармери без проблем го прифаќаат, не мислат како постарите земјоделци, дека на овој начин ќе бидат некако оштетени, истакнува министерот Цветков.

Проблем со фрагментираноста на земјоделските површини имаат сите земји во регионот и генерално, земјите во транзиција. Македонија по 2017 година за консолидација на земјиштето ќе добие уште два милиона евра.