Македонија
25. September 2018 - 16:11

Два месеци по насилството нема одговор кој го претепа, 14-месечното бебе сместено на безбедно

По два месеци поминати во болнички кревет, 14 месечното бебе кое беше брутално претепано повеќе не е пациент на Детска хирургија. Пред десет дена ја напуштило клиниката заедно со старателот, но не се знае дали е сместено во Дом или во згрижувачко семејство. Од труд и социјала велат дека не откриваат такви податоци бидејќи обвинителството се уште води постапка за случајот.

- За да не се загрози безбедноста на детето и да не се попречи истрагата Центарот не смее да го открие местото каде што е сместено девојчето. Инаку тоа се уште има службено лице за старател и ја добива потребната нега и заштита кои се потребни за побрзо закрепнување по операцијата, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Овој случај предизвика бурни реакции во јавноста, но се уште не се знае кој и зошто брутално го претепал малото девојче. Од обвинителството за Сител потврдија дека побарале вештачење за психолошката состојба на мајката.

-Побарано е вештачење на видот и карактерот на повредите на детето. Центарот за социјални работи  формира  тело кое ќе постапува на случајот. Повикани се сведоци за да дадат исказ пред јавен обвинител, велат од Обвинителството.

По извршените хируршки интервенции на мозокот и санирање на скршениците на рацете и нозете, од Детска хирургија велат дека малото девојче е во стабилна состојба. Единствена здравствена пречка е целосното враќање на видот, но за тоа треба да оди на дополнителни контроли на офталмологија.

-На оваа возраст не би требало да има физички и психички последици доколку, народски кажано продолжи да живее во добра средина. Овде му беа направени сите дијагностички процедури и контролни прегледи, изјави др. Марјан Камиловски од Детска хирургија.

Мајката во полиција не откри кој ги нанел тешките повреди на девојчето, но и зошто имало стари скршеници кои не биле медицински третирани.

-Пред повеќе од два месеци 14 месечното бебе заврши на скопските клиники во коматозна состојба. Лекарите беа згрозени од повредите бидејќи девојчето имало скршеници на черепот, крварење во мозокот, фрактури на нозете и рацете, неухрането и дехидрирано.