Балкан
9. November 2020 - 15:10

Два дена карантин во Грција: Нелегална забава, протест на 14 лица, изречени казни од речиси 30 илјади евра

 Во првите два дена од карантинот во Грција, регистрирани се низа прекршувања на рестрикциите, меѓу кои и организирана приватна забава, протест на 14 лица на Синтагма, а надлежните органи вршат интензивни контроли.

По пријава од граѓани, поради гласна музика, во раните утрински часови, интервенирала полицијата и открила приватна забава во атински хотел, при што била уапсена 24 годишна девојка која ја организирала забавата и покрај забраните, а на сите присутни, околу 30 лица им биле изречени парични казни.

На забавата присуствувале и тројца фудбалери од грчкиот фудбалски клуб Олимпијакос.

Од клубот преку соопштение го осудуваат учеството на Робен Семендо, Лазар Ранѓеловиќ и Бруно Фелипе на забавата и додаваат дека „е неприфатливо занемарувањето на забраните и регулативите на тимот“.

-Инволвираните веќе се повикани да дадат исказ и ќе бидат казнети со највисоката предвидена парична казна , која ќе биде во целост донирана за Националниот здравствен систем, соопштуваат од Олимпијакос.

Вчера, пак, во центарот на Атина, преку социјалните мрежи, беше организиран протест на оние кои се против маските, против карантинот и слично, а се собраа само 14 лица и сите беа уапсени и воедно ќе треба да платат и казна во висина од 600 евра.

На „протестот“, како што јави дописничката на МИА од Атина, побројни беа новинарските екипи и полицајците, отколку демонстрантите.

Полицијата, од сите оние кои беа или пристигнуваа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, бараше потврда (смс порака или потврда од работа), односно „оправдание“ за нивното движење.

Уапсени беа сите 14 учесници на протестот, а поради тоа што не носеа маски и ја прекршија мерката за ограничување на движењето, им беа изречени две казни, секоја по 300 евра.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека во саботата, на првиот ден од карантинот, надлежните власти извршиле 10.808 контроли и изрекле 78 казни во висина од вкупно 29.250 евра, во главно за неупотреба на маска и неиспратена смс порака за излегување.