Македонија
24. August 2015 - 18:09

Дуке Бојаџиев ќе настапи пред децата во Детска клиника во Скопје

Македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев, утре ќе свири за дечињата згрижени во Детската клиника во Скопје.

Тој вели дека огромно задоволство му претставува тоа што ќе биде гостин на Детската клиника и очекува многу забава и насмевки на лицата на дечињата.

- Идејата за овој мој ангажман се роди при средбата со претседателското семејство, ова лето во Охрид. Со претседателот Иванов и неговата сопруга Маја разговаравме за моите ангажмани, за музиката, за децата, за музико-терапијата итн. Тогаш дојде идејата и предлогот. Зошто не би одржал мини-концерт за дечињата што се хоспитализирани на Детската клиника во Скопје. Веднаш, стапивме во контакт со директорката на Детската клиника, д-р Аспазија Софијанова и со помош на Кабинетот на претседателот ги договоривме деталите, за што сум многу благодарен, вели Дуке Бојаџиев. 

Како што додава музикотерапијата е составен дел на речиси сите врвни медицински установи во светот. Според него таа има се поголема примена во модерната пракса во конвенционалната медицина, а резултатите на светските истражувања покажуваат многу позитивни промени кај пациентите.

Тој вели дека како и за секој настап се подготвува професионално и посветено.

Утре, пред дечињата згрижени во Детската клиника во Скопје, Дуке Бојаџиев ќе настапи заедно со Тања Царовска - вокал и Владимир Крстев - виолина, состав со кој настапуваше годинава во Рим, во рамки на одбележувањето на Свети Кирил, а кои беа дел од неговиот тим на концертите одржани летово.