Македонија
16. March 2020 - 14:22

Дука: Граѓаните и службите ги почитуваат препораките, да не се создава паника и страв

Поминавме уште една мирна вечер, без проблеми во градот. Препораките на надлежните главно се почитуваат. Задоволни сме од состојбата затоа што ова многу ќе влијае во запирањето на проширувањето на коронавирусот, изјави градоначалнкот на Дебар Хекуран Дука,кој воедно раководи и со Оперативниот штаб откако во петокот во општините Дебар и  Центар Жупа беше воведена кризна состојба со цел спречување на ширењето на коронавирусот по регистрираните позитивни пациенти од овој крај.

– Нема нови заразени, се надеваме дека така ќе биде и понатаму. Снабдувањето со прехранбени и други актикли и лекови се одвива без проблеми. Апелирам да се продолжи со строго почитување на препораките и да не се создава паника и страв. Во Општата болница почна со работа екипата што пристигна од Скопје и заедно со нашите екипи е на терен во откривање евентуално нови случаи и следење на болните, отворање стационар. Значи, сите здравствени мерки се преземени, со цел инфекцијата да се стави под контрола, рече Дука

Посочувајќи дека Јавното комунално претпријатие „Стандрад“ врши редовно миење на улците и одлагањето на отпадот, апелираше дека е многу важно, граѓаните отпадот да го ставаат во најлонски вреќи и да ги ставаат во определените места за тоа.

Од Црвениот крст го информирале дека имаат многу повици од граѓани кои бараат храна, облека и лекови, објаснувајќи дека дотур на храна и лекови се врши само на семејства кои се во домашна изолација.  Треба да пристигне хуманитарна помош во прехранбени артикли која ќе биде складирана во магацинот на Црвениот крст, по што, најави, ќе се врши распределба според критеруми.

Како Оперативен штаб ќе бараат од Владата да се реши состојбата во однос на барањето на фабриките и сточарите за режим на движење како што има фабриката „Кнауф“.

– Сакам да го посочам барањето на фабриката за амбалажирање вода „Маја“, фабриката „Ди-гипс“ и сточарите кои бараат еднаков третман како фабриката „Кнауф“, односно режим на движење како што е за Кнауф така да биде и за нив. Тие предупредуваат и најавија дека ќе протестираат доколку ова не се реализира. Затоа, како Оперативен штаб бараме од Владата на РМ овој проблем да се реши, рече Дука.

 

Ново на Сител