Бизнис
31. October 2018 - 19:38

Дуинг Бизнис: Македонија 10. во светот за водење бизнис

Македонската економија е десетта во светот, а четврта во Европа за водење бизнис. Споредено со лани, тоа е напредок од едно место и на светско и на европско ниво. Најдобро се води бизнис во Нов Зеланд, Сингапур и Данска.

Македонија нуди најдобри услови за водење бизнис во регионот. Далеку полошо рангирана е Словенија, на 40-тото место. Следуваат Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија и Грција. Најмногу заостанува Босна и Херцеговина, пласирана на 89-тото место.

Во Европа, подобри услови за водење бизнис од Македонија нудат само Данска, Норвешка и Обединетото Кралство.

Споредено со лани, најголем напредок Македонија бележи во категоријата добивање градежни дозволи. За една година земјава забележа скок од 13 позиции. Но, драстичен пад за 25 позиции бележиме во категоријата започнување бизнис. Лани земјава го поседуваше 22-то место во светот. Годинава сме позиционирани на 47-мото.

Дуинг Бизнис листата опфаќа вкупно 190 земји во светот, а ги анализира условите за водење бизнис распределени во вкупно 10 категории.