Македонија
14. December 2019 - 16:37

ДУИ не се плаши од заканите на Заев, опозицијата открива дека имале план со власта

Во наредните неколку дена во СДСМ ќе почне внатрешна дебата за тоа колку е одржлива коалицијата со ДУИ. Повеќе од 5.000 амандмани на ДУИ како блокада на измените на изборниот законик кои треба да донесат една изборна единица за Премиерот се силен сигнал дека во коалицијата нешто се случува

Од Мала Речица му порачаа на премиерот амандманите да не ги сфаќа лично. Математиките на ДУИ покажале дека една изборна единица ќе им донесе 2 до 3 столчиња повеќе во Собранието, но вкупниот број на албански пратеници во законодавниот дом ќе се намали за 8.

Од опозицијата пак откриваат дека со СДСМ имале постигнато договор дебатата за промени на изборниот модел да почне по изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во СДСМ се согласиле дека нема време за измена на изборниот модел пред овие избори и дека предлогот кој сега е поднесен во Собранието ќе се преформулира кога ќе се постигне поширок консензус.

Од опозициската партија велат дека во ситуација кога СДСМ на 3 месеци пред изборите во само неколку дена до собранието поднесува над 180 закони по скратена постапка, единствено што им останува е блокада со купишта амандмани.

Во моментов покрај изборниот законик во Собранието со филибастеринг се блокираат и законите за академијата на судии и јавни обвинители и за јавно-обвинителска служба.