Македонија
14. January 2020 - 16:52

ДУИ не поддржува укинување на лустрација, без решение за жртвите од комунистичкиот режим

Нема поништување на лустрацијата додека не се најде решение за политичките затвореници од комунистичкиот режим и нивните семејства, велат од ДУИ откако вчера пропадна собраниската комисија за политички систем поради тоа што власта не можеше да обезбеди кворум токму поради тоа што не присуствуваа интегративците на Али Ахмети.

Законското решение за поништувањето на лустрацијата  во парламентот влезе како владин закон усогласен меѓу владејачките СДСМ и ДУИ, но меѓу коалициските проблеми излегоа на виделина во парламентот.  И демократската партија на Турците која исто така е дел од владејачкото мнозинство ја опструира работата на комисијата за политички систем за овој закон.

Против поништувањето на лустрацијата веќе се изјасни опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија дека ќе ги искористат сите  механизми да го спречат донесувањето на законот со кој се поништуваат сите лустрации и се дава можност за отштета на лустрираните.  За ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе биде неправда кон сите оние кои биле жртви на претходниот режим и од соработниците на тајните служби.

Поништувањето на лустрацијата е уште едно законско решение покрај Изборниот законик и измените на законот за јазици согласно Венецијанската комисија за кое владините коалициски партнер СДСМ и ДУИ имаат разлики изминатиот месец. СДСМ веќе и на централно претседателство ја преиспитуваше коалицијата, но одлучи дека до избори нема потреба да го раскинува владиното партнерство.