Македонија
21. February 2020 - 13:45

ДУИ: Целосен ветинг и повторно разгледување на спорните случаи

ДУИ се залага за владеење на правото, а не на индивидуата. ДУИ се ангажира за целосен ветинг што подразбира двојна контрола на секој политичар, обвинител и судија во државата зашто интегритетот на раководното лице и на институцијата се основата на здравото општество. Затоа бараме од судските институции повторно да ги разгледаат спорните случаи во јавноста кои силно го нарушија кредибилитетот на судството, констатирајќи спроведување на селективна правда која го дестабилизира општеството, рече на денешната прес-конференција Агим Нухиу од ДУИ.

– Повторно судење на транспарентен начин, меѓународно мониторирање и презумпција на невиност се предуслови за враќање на довербата во судството во случаите како „Монструм“, „Сопот“, „Алфа“, „Алмир“, „Саздо“ и многу други. ДУИ во овој мандат и објавува војна на селективната правда и корупцијата, рече Нухиу и додаде дека партијата успеала во целост да ја реализира својата програма.

Во овој мандат парламентарното реформско мнозинство и посебно ДУИ, како што рече, успеа да ги реализира сите реформски планови, Планот 3-6-9, Планот 18, заедно со препораките на Прибе за да се исполнат сите побарани предуслови од страна на ЕУ. Потсети дека се избра ребуличкиот јавен обвинител, донесени се законите за јавно обвинителство, за судовите, за Судскиот совет, за Советот на јавните обвинители, за борба против корупција… Потенцира и дека нашата земја заслужува датум за преговори за членство во ЕУ во март годинава.

Според ДУИ, владеењето на правото е апсолутен предуслов за неселективна правда, борба против организираниот криминал и корупцијата и економски развој. Време е, како што рече, да се адресира ветингот за да се постигне неселективната правда и владеењето на правото воопшто.

На новинарско прашање за пасошите, Нухиу одговори дека тој не може да каже кој е виновен. Ги повика и техничкиот министер и дополнителниот заменик-министер да создадат, како што рече, што повеќе можност во МВР да се почитуваат институционалните вредности, хиерархијата и нашите колеги да ги реализираат и да ги остварат сите законски определби како што е предвидено со Законот за внатрешни работи и Законот за полиција.

– За сите пропусти постои законски рамки. Секој треба да биде ориентиран да постапува врз основа на двете дела на правните прописи – диспозитивот и санкцијата. Ако констатираме дека има пропусти, сигурно ќе сносат одговорност раководните лица во МВР, рече Нухиу.

Прашан за тоа дека албанските партии ДПА и БЕСА најавуваат коалиција со СДСМ, за предизборната коалиција на Алтернатива и на Алијанса за Албанците и за кандидатските листи на ДУИ, Нухиу рече дека за тоа ќе одговори Изборниот штаб на партијата.