Македонија
4. October 2017 - 10:24

Дудуш: Секое насилство, особено во изборен период е недозволиво

 Кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари од СДСМ, Курто Дудуш, го осуди инцидентот што се случи пред два дена во оваа општина, во кој е повреден градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, и побара МВР да се остави да ја заврши истрагата.

„Секое насилство, особено во изборен период е недозволиво. Затоа јавно го осудувам насилството како метод за да се надминат недоразбирањата и разликите. Овој изборен процес Шуто Оризари ќе го помине во фер и демократска атмосфера, не дозволувајќи настанот што се случи да поттикне натамошни тензии и инциденти“, се наведува во соопштението. 

„Бидејќи не бев присутен на настанот, не сум во можност да дадам објективна слика и детали за настанот, но верувам во работата на институциите и во интерес на истрагата нема да излегувам со детали кои ги имам слушнато од сведоци. Да оставиме институциите да си ја завршат професионално работата и за крајниот исход по завршување на истрагата ќе биде известена и целата јавност“, стои во пишаната изјава на Дудуш.