Бизнис
19. December 2018 - 12:34

Државните хартии од вредност од 2019 година ќе котираат на Берза

Државните хартии од вредност од наредната година ќе котираат на Македонската берза, со што стануваат подостапни за инвеститорите и ќе придонесат за развој на пазарот. Договорот денеска го потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски и извршниот директор на Македонска берза Иван Штериев.

Министерот за финансии Драган Теводвски истакна дека со ова се следи европската пракса, но и примерите на сите развиени земји со функционален пазар на капитал.

-Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Од почетокот на 2019 година, државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори – како во земјата, така и во странство. Ќе напоменам дека преку заедничката платформа на берзите од регионот СЕЕ линк, македонските државни обврзници ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и Европа. Инаку државните хартии од вредност на останатите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Ова ќе придонесе за поголема видливост на цените т.е. поголема транспарентност. Секако, поголемата  конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди подобра цена, односно камата, рече Тевдовски.

Тој додаде дека со ова се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. – Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Тоа значи поголема ликвидност на пазарот на капитал, но и поголема транспарентност, рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека во 2018 година имало повеќе позитивни настани поврзани со државните хартии од вредност. Тој истакна дека Македонија ја издала најуспешната досега еврообврзница, односно со најниска каматна стапка.  И каматните стапки за државните хартии од вредност издадени на државниот пазар неколкукратно се намалени во споредба со претходната година.

Исто така, во 2018 година првпат е издадена 30-годишна државна обврзница, што, според министерот, укажува на доверба на инвеститорите во економските политки што се спроведуваат.

Директорот на Македонска берза Иван Штериев истакна со котацијата на државните хартии од вредност ќе се зголеми расположивата понуда на берзата.

-Ова е многу значаен ден за Македонска берза и за нејзините членки. Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина, рече Штериев.

Тој појасни дека во првиот бран ќе котираат веќе издадени околу 130 државни обврзници со номинална вредност од 900 милиони евра, при што каматните стапки на издадените обврзници се движат од 0,9 до 5,3 проценти. Од овие 130 доминираат 10-годишни обврзници и 15-годишни околу 115 обврзници.

Штериев оцени дека годината што изминува е една од најдобрите години на Берзата во последните 10 години и очекува работењето на Берзата во наредниот период со оглед на актуелните даночни реформи смета дека е добро што во рамки на измените првпат даночењето на капиталните добивки ќе биде во ист режим со даночењето на банкарските депозити и нема да има никаква дискриминација.

-Во делот на капиталните добивки имаат одложено дејство од идната година и прерано е да се коментира, рече Штериев и додаде дека сепактоа ќе влијае при носење одредени инвестициски одлуки.