Бизнис
16. April 2018 - 19:41

Државните фирми и општините да ја прифатат арбитражата во решавањето на стопанските спорови

Државните компании и општините да ја вклучат арбитражната клаузула на тендерите апелираат од Арбитражниот суд при СКМ. Споровите со сигурност ќе им бидат решени, а ќе заштедат пари и време. Од друга страна и бизнисмените и адвокатите сеуште не се доволно информирани за поволностите кои ги нуди арбитражата во решавањето на стопанските спорови наместо правосудниот систем во земјава. Засега странските фирми повеќе го користат ваквиот начин  бидејќи знаат дека одлуките се признаени во 140 земји во светот и право на жалба нема.

Рафајловски очекува бројот на спорови во овој суд во иднина да расте. Годишно се решаваат околу 10, што според него не е мала бројка кога ќе се спореди со малиот број на решени стопански спорови во судовите.

– Просечното времетраење на постапката изнесува 7,5 месеци – и тоа се однесува од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување на правосилна одлука. Во практиката Арбитражата бележи и случаи на траење на постапката од 4 месеци. Спротивно на ова, пак, споровите во редовните судови траат три и повеќе години. Одлуката на Арбитражата е извршна и нема период на жалба и можност за повторување на постапката. Тоа за компаниите значи значителна заштеда на време и трошоци за решавање на споровите кои произлегуваат од нивното работење – вели Рафајловски.

Зависно од предметите кои се решаваат тарифите се движат од 220 евра па нагоре. Наградите за адвокатите кои ќе учествуваат во постапките се исти како во судовите. Но сепак од неинформираност тие поретко се вклучуваат во арбитражата кадешто според Рафајловски многу полесно ќе дојде до израз нивната стручност.