Бизнис
13. September 2018 - 19:48

Државните електрани подготвени ќе ја дочекаат либерализацијата на пазарот на струја

Од државните електрани тврдат дека подготвени ќе ја дочекаат либерализацијата на пазарот што во целост треба да профункционира од следната година. Според законската регулатива, ЕЛЕМ треба да обезбеди 80% од потребната електрична енергија што универзалниот снабдувач ќе ја испорачува до корисниците кои ќе се снабдуваат од регулираниот пазар. На тој начин ќе се заштитат потрошувачите од ценовен шок по целосната либерализација на пазарот.

“Подготвени сме, ние веќе и правиме планови како би настапиле за да може да ја завршиме таа работа и истовремено на универзалниот снабдувач да му обезбедиме евтина енергија која што таа енергија е за нашите домаќинства суштински”, вели Благојче Трповски, директор за производство на АД ЕЛЕМ.

На шестата аукција годинава ЕЛЕМ продаде вишоци електрична енергија во вредност од 6,5 милиони евра. Односно, на слободниот пазар постигната е просечна цена од 66 евра по мегават час.

“Во наредниот период ќе се насочиме повеќе да ја осигураме енергијата што е потребна за тарифните потрошувачи. Ние сме во можност тоа да го постигнеме, со тоа што тактиката кон универзалниот снабдувач ќе биде малку поинаква. Значи, таму нашата цел е да постигнеме евтина енергија и за него, односно за домаќинствата”, објаснува Трповски.

Согласно законската регулатива, до крајот на месецов треба да се одбере универзалниот снабдувач.