Македонија
8. January 2020 - 16:59

Државниот врв во комуникација со сојузниците, МНР нема информации за македонските државјани во Ирак

Може ли Македонија да биде колатерална штета при евентуална ескалација на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран? Експертите велат, конфликтот ќе влијае врз целиот свет, а Европа може најмногу да ги почувствува влијанијата.

Со оглед на тоа што Македонија се наоѓа пред вратите на НАТО, доколку дојде до отворена војна меѓу двете држави, земјава ќе мора да ги исполни обврските и да испрати свои трупи. Меѓутоа, засега не може да се знае дали тие ќе бидат во првите борбени редови или ќе бидат логистика.

- Утешително за нас е тоа што припадниците на Армијата кои се наоѓаат во Ирак не се директно вклучени во борбени дејства, туку во други неборбени услови. Не треба да се стравува дека ние ќе одиме како живо месо во овие борбени дејствија зашто треба да се има предвид дека без оглед на моменталната ескалација на овој судир и натамошните последици кои можат да произлезат од тоа ќе се вклучат и други меѓународни фактори, вели военополитичкиот експерт Благоја Марковски.

Од Министерството за одбрана, сепак, велат дека во моментот нема припадници на АРМ кои се дел од меѓународната мисија во Ирак.

- Како држава најостро ги осудуваме иранските ракетни напади врз американските и коалициските воени бази во Ирак. Република Северна Македонија останува во постојани консултации со своите партнери од ЕУ и НАТО и ги поддржува настојувањата за деескалација на состојбата во Ирак, велат од Одбрана.

Претседателот Пендаровски е во постојана комуникација со сојузниците на Македонија во НАТО.

- Будно се следи состојбата на Блискиот Исток. Истакнуваме дека секоја понатамошна одлука ќе биде во координација со надлежните национални институции и координација во рамките на НАТО алијансата, во насока на заштита на нашите национални, но и заштита на меѓународните интереси на Северна Македонија, велат од Кабинетот на претседателот.

Министерството за надворешни работи нема податоци за точниот број на македонски работници кои се наоѓаат во Ирак или Иран. Недостатокот на информации се должи на тоа што земјава нема дипломатско-конзуларни претставништа во двете земји. МНР преку дипломатски канали се обидува да дојде до соодветни информации поврзани со македонски државјани.

- Ангажманот кој работниците го имаат не е во надлежност на Министерството. До моментов, ниту еден македонски граѓанин кој би можел да се наоѓа во тој регион не се обратил до МНР за соодветна помош, велат од Надворешни.

Според безбедносните експерти дополнителна закана би била и нова мигрантска криза.

- Проблемот е многу сериозен зашто неофицијалните податоци кажуваат дека 2 милиони и 800 илјади бегалци се наоѓаат на тлото на Иран кои се намера да заминат кон западноевропските земји. Од друга страна ги имаме мигрантските кампови во Турција каде што се проценува дека има над 4 милиони бегалци, што е страшно голема бројка кога би дошло до така силен налет на вакви бегалци. Секоја од земјите, а ние сме дел од таа балканска мигрантска рута мора да ги преземе дејствијата согласно европските политики, вели националниот коордиранотр за гранично управување, Владимир Пивоваров.

Нова мигрантска криза, според експертите, би била голема закана за безбедноста, економијата, но и политиката во Македонија, но и земјите во регионот.