Македонија
15. January 2021 - 16:50

Државниот врв со осуда за палењето на бугарското знаме во Вевчани по реакциите од Бугарија

Недопустлив чин штетен по угледот на државата. Палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани повлече низа реакции од македонскиот политички естаблишмент, сите обединети во осудата на чинот.

Прв меѓу нив претседателот Пендаровски. Во објава на Фејсбук го осуди палењето на знамето на карневалот, кој беше растурен со интервенција на полицијата.

„Палењето на знамето на Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“, напиша Пендаровски.

Реакција дојде и од македонската дипломатија, пропратена со соодветен апел до организаторите на карневалот.

„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија”, се вели во осудата од македонското МНР.

Сево ова следува по дипломатската акција од Бугарија, која дојде веднаш откако беше објавено дека на традиционалниот карневал горело знамето на нашиот сосед. За несаканиот чин веднаш бил известен бугарскиот претставник во земјава, соопшти министерката Захариева.

„По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија, му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов, да го изрази до Владата на РСМ нашето силно негодување за овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ“, пишува Захариева.