Свет
13. February 2019 - 10:32

Државниот долг на САД достигна рекордни над 22 трилиони долари

Државниот долг на САД достига рекордно ниво од над 22 трилиони долари, соопшти американското Министерство за финансии.

Според Министерството, првапат во историјата државниот долг на САД достигнал 22,012 трилиони долари, а само од почетокот на февруари тој се зголемил за дополнителни над 90 милијарди долари.

Во изминативе 11 месеци американскиот долг пораснал за над еден трилион долари.

„Ју-Ес-Еј Тудеј“ наведува дека во двете години од мандатот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, државниот долг на САД расте со најбрзо темпо досега, што се должи на спроведените даночни реформи и зголемените трошоци за одбрана.

Во текот на фискалната 2018 година, биџетскиот дефицит на САД се зголемил за 17 отсто, достигнувајќи 779 милијарди долари.

Економските аналитичари проценуваат дека американскиот буџетски дефицит до 2020 година ќе надмине еден трилион долари, додека долгот ќе продолжи да расте, бидејќи „државните трошоци воопшти не се под контрола“.