Македонија
5. February 2020 - 19:38

Државна делегација го блокираше сообраќајот на Плетвар

Државна делегација со полициска придружба направи застој од околу еден час на планинскиот премин Плетвар кај Прилеп. Според раководителот на пунктот „Плетвар“ од „Македонија пат“, Љупчо Блажески, во моменто кога поминувала делегацијата сообраќајот бил стопиран, но кога делегацијата заминала поради врнежите од снег на коловозот тешките товарни возила не можеле да тргнат.

Некои од нив се излизгале на коловозот при што од Македонија пат морале да иинтервенираат фрлајќи сол и камчиња пред камионите за да тие можат да тргнат. Блажески не знаеше да каже за каков вид на државна делегација станувало збор. Во меѓувреме додека траеше блокадата се направија километарски колони.

„Чекам околу 20-тина минути, од полицијата велат дека има некој застој, некои камиони излизгано имало горе на Плетвар“, рече еден возач на камион.

„Патот беше одличен до тука, доаѓам од Битола, но и кога доаѓав наваму претпладнево беше добар. Сега ќе го исчистат за половина час ќе не пуштат“, вели еден возач на камион од Србија.

Во моментов сообраќајот на Плетвар според Македонија пат е регулиран и тој се одвива без застој и за лесни и тешки товарни возила.