Македонија
14. December 2016 - 13:10

Државен квиз натпревар од противпожарна заштита во Неготино

Во Неготино денеска се одржува триесет и вториот државен квиз натпревар од областа на противпожарната заштита „Неготино 2016“, што го организира Противпожарниот сојуз на Македонија. На натпреварот учествуваат седум победнички екипи во категоријата кадети од општинските противпожарни сојузи и исто толку екипи во категоријата јуниори од општинските противпожарни сојузи. 

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов им посака добредојде на сите ученици натпреварувачи и нивните ментори, како и на другите присутни гости. 

Тој нагласи дека противпожарната заштита секогаш ја има поддршката од општина Неготино. Притоа потсети на успесите од оваа област на неготинските ученици, благодарение на кои оваа година државниот натпревар се одржува во Неготино.

- Знам дека ќе има фер натпревар и нека победат најдобрите, рече Апостолов. 

Претседателот на Противпожарниот Сојуз на Македонија професор д-р Никола Николов исто така во своето обраќање се осврна на големото значење на противпожарната заштита. 

- Ме радува тоа што многумина од тие кои поминуваат низ вакви натпревари, подоцна се одлучуваат повторно да придонесуваат кон противпожарната заштита. Еден таков пример имаше деновиве. Некогашен учесник во вакви натпреварувања, сега дипломиран економист, работи на проект за противпожарна едукација за деца и младинци, појасни Николов, прогласувајќи го натпреварот за отворен.