Бизнис
27. July 2016 - 19:34

Државата врати 18,3 милиони евра долг во стопанството, нето задолжувањето на домашниот пазар се приближува до нула

Државата се раздолжува на домашниот пазар. Нето долгот се приближува кон нула откако во изминатите два месеци беа откажани три аукции, а истовремено се отплаќаат веќе доспеаните државни записи.

Денеска Министертсвто за финансии врати 18,3 милиони евра.  Од таму соопштија дека на вчерашната аукција Министерството повлече двојно помалку средства или 9,2 милиони евра. На овој начин нето задолжувањето преку државни записи, само преку оваа аукција е намалено за 9 милиони евра.

– Со ова Министерството ја реализира најавата и ја исполнува определбата за намалување на повлекувањата на средства од домашен пазар. Ваквата стратегија треба да остави повеќе ликвидни средства во стопанството, што би придонело за зголемено кредитирање на корпоративниот сектор и со тоа раздвижување на економијата, велат од Министерството за финасии.

Намалувањето на задолжувањето на домашниот пазар е и една од целите која треба да се постигне со еврообврзницата. Надворешното задолжување ќе го намали запишувањето записи кај домашните банки кои ќе имаат повеќе пари за кредитирање на стопанството и населението.

Парите од еврообврзницата во висина од 450 милиони евра вчера легнаа на сметката на МФ во НБРМ.