Бизнис
23. March 2020 - 8:54

Државата презема мерки за ликвидност на Буџетот, поддршка на граѓаните и на стопанството

За справување со економските последици од коронавирусот државата ќе побара вкупно 400 милиони евра заем од еврообврзница, кои треба да помогнат да биде подготвена за најлоши сценарија. Претходно, Владата донесе првичен сет мерки, за ублажување на првиот удар, со најава на дополнителни, како што ќе се развива ситуацијата. Дополнително, вчера СДСМ предложи сет мерки кои, како што велат од партијата, треба да помогнат да се сочува економијата и да се санираат штетите што ќе ги предизвика епидемијата на коронавирусот.

Заемот ќе биде со време на доспевање од 12  месеци, а целосно ќе се отплати со средствата кога ќе се издаде еврообврзницата. Се очекува висината на каматната стапка да биде исклучително поволна, под 2,75 отсто.

-Подготвени сме за најлошите сценарија. Целта во овој момент е да обезбедиме ликвидност на Буџетот, истакна министерката, додавајќи дека заемот до еврообврзницата ќе биде побаран во понеделник.

Во понеденик, дополнително, ќе бидат побарани и уште 87 милиони ерва од ММФ, како и 100 милиони евра од Светска банка за развојни политики.

-Сигурност на државниот Буџет и за најцрните сценарија, како и на Буџетот на Министерството за здравство, ликвидност и финансиска инјекција во стопанството, помош на фирмите и заштита на секое работно место, се клучните цели во овој момент. Не смее ниту еден граѓанин да остане без приходите, напомена Ангеловска.

Сите функционери во април и мај да земат минимална плата од 14.500 денари (пратеници, премиер, вицепремиери, министри, раководители на сектори, судии и обивнители), а претседателите и членови на управните одбори во централната, извршната власт и општините да работата без надомест. Ова е само една од сетот мерки што ги предлага СДСМ, а ги соопшти денеска лидерот на партијата, Зоран Заев. Оваа мерка, напомена Заев,  нема да се однесува на лекарите и медицинскиот персонал, на полицајците, војниците и сите што се активно вклучени во справувањето со коорнавирусот.

Сите заштеди од јавните институции и субјекти по овој основ, ќе се уплаќаат во т.н корона фонд, отворен во рамки на државниот Буџет.

Се предлага паричен надомест во износ од 50 отсто од просечната нето плата за сите што ги загубија работните места поради коронавирусот, по една минимална плата во април и мај за вработените во медиумите, како и финансиска поддршка за спортистите. Сугерира и запирање на законот за извршување до крајот на јуни, како и одложување на кредитите за три месеци (априлската рата да се плаќа во јули) на што банките се согласиле. Се предлага и дополнителна исплата на енергетски додаток за корисниците на социјална заштита, како и по 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформалната економија. За овие две мерки вкупниот фискален ефект за два месеца (април и мај) ќе биде 389 милиони денари.

-Предлагаме и обезбедување по една минимална плата од 14.500 денари за април и мај од државата за секој вработен во приватните фирми погодени од кризата. Фирмите сами ќе си ги платат придонесите и персоналниот данок. Останува правото да дадат и поголема плата, а тоа, впрочем и го очекуваме. Оваа мерка ќе може да ја користат сите фирми што нема да даваат дивиденди и бонуси за менаџментот и вработените до крајот на 2020-та и нема сега, за време на кризата, да повлекуваат дивиденди и бунис по основ на добивки од 2019 година, рече вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев и објасни дека оваа помош нема да се дава на оние вработени кои имаат поголема нето плата од 39.900 денари.

Фирмите што ќе аплицираат за оваа мерка, истакна тој, треба да имаат ист број вработени како пред кризата со коронавирусот, а ќе може да аплицираат и оние што ќе ги вратат веќе отпуштените работници. За оваа мерка државата ќе одвои околу 120 милиони евра.

-Овој Предлог-пакет мерки на СДСМ е насочен кон граѓаните, работниците и фирмите кои поради неочекуваната криза се најдоа пред незивесност за својата егзистенција. За нас секој човек е важен, парите од Буџетот да одат диектно за помош на граѓаните и во сите овие проекции најважно беше државата да обезбеди доволно пари за здравството. Тоа мора да е стабилно за да ја издржи вонредната состоба. Подобро сите да бидеме солидарни, да издржиме два месеца на минимална плата отколку да дозволиме крах на економијата, истакна Заев.

Тој им порача и на земјоделците да продолжат со работа и да ги посеат нивите. Дистрибутерите, рече, имаат доволно репроматеријали и средства за заштита, а има и гориво. Има се што е потребно за навремени агротехнички мерки.

Предлог мерките на СДСМ реагираше ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека на ваков начин Владата им зема на граѓаните од џеб и оти намалените плати ќе значат крах за семејствата.

Првиот сет мерки за поддршка на ликвидноста на стопанството и за заштита на работните места, што го донесе Владата, предидува бескаматни кредити за ликвидност на малите и средните фирми, субвенции за придонеси, намалување на камати и парафискални давачки формирање фонд за поддршка на туризмот,  и забрана за извоз на брашно.