Бизнис
29. September 2020 - 17:34

Државата подготвена за ново задолжување за реализација на новиот пакет мерки

Има простор за дополнително задолжување, а ако е потребно ќе се надмине и прагот на јавниот долг од 60% од БДП. Вицепремиерот за економски прашања смета дека се работи за вонредни услови, кога треба да се преземат сите мерки за да закрепне економијата.

Според владините пресметки, до сега со претходните три сета мерки најмалку 145 милиони евра веќе завршиле директно кај фирмите. Дел преку субвенциите за плати, а дел како бескаматни кредити.

Токму, дел од хотелиерите, како едни од најпогодените од кризата, се пожалија дека не добиле финансиска помош бидејќи не се гледале само загубите како директна последица од пандемијата, туку се земало предвид и нивното работење во текот на минатите години.

„Ваков услов не постоеше во давање на поддршка за исплата на плати. И тогаш и сега периодот што се споредува беше временски. Сега периодот што го споредуваме е април-август, петте месеци од 2020 со истиот период минатата година. Но, ако укажете на недобивањето на поддршка од страна на Развојната Банка со кредитните линии и другите комерцијални кредити, таму искрено не можеме, затоа што таму се повикуваме на завршена фискална година. И последната година во која што они имаат функционирано е 2019. Во 2019 година тоа не е поврзано со периодот на Ковид”, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Четвртиот пакет содржи 31 мерка со вкупна вредност од 470 милиони евра. Планирано е 160 милиони евра да се обезбедат со новиот ребаланс, што Владата ќе го усвои најдоцна до понеделник. Ќе се крати од сите проекти што не може да се реализираат до крајот на годинава, но ќе има кратење и на парите за капитални проекти.