Македонија
24. May 2018 - 16:13

Државата нема пари за истражувањата во Крупиште кои треба да откријат каде е создадена глаголицата

Кога во 845 година византискиот император го назначил Методиј Солунски да управува со словенското кнежество во брегалничката област, тој најверојатно завршил овде, на денешниот археолошки локалитет Кале, во близина на штипското село Крупиште. 10 години подоцна, ќе му се придружи и неговиот помлад брат Константин –Кирил Филозоф.

-Се претпоставува дека за време на брегалничката мисија тие ги извршиле првите подготовки за создавање на првата словенска азбука, во чија што основа се зема говорот на Словените кои што живееле во околината на градот Солун, изјави Емилија Коруновска, виш кустос историчар, Завод- Музеј Штип.

Сеуште во научните кругови трае полемиката, дали ова е местото каде се напишани 41-та буква на глаголицата и од каде започнува да се шири сесловенската писменост. Археолошките истражувања од пред повеќе од 3 децении резултираа со пронаоѓање на црвената и големата петокоробна катедрална црква, за која се претпоставува дека била епископско седиште на градот Запара. Сепак, изминативе години не се преземени никакви теренски истражувања.

-Нашата институција секоја година поднесува проекти за архелошки истражувања од сите периоди, праисторија, антика и среден век. Меѓутоа се работи за проекти кои ќе бидат одобрени и финансиски поддржани од Министерството за култура-додаде Коруновска.

Понатамошните истражувања на овој локалитет се од круцијална важност за откривање на научната вистина, каде и кога е почетокот на словенска писменост.