Бизнис
6. November 2019 - 16:49

Државата не се откажува од прогресивниот данок, најавува нов експеримент

Се крои ли нова даночна политика? Министерката за финасии во интервју за јавниот сервис, вели дека прогресивен данок ќе има – но акцент ќе се стави на приходот на домаќинствата, а не на индивидуите.

Ова значи дека ќе се гледаат вкупните приходи во семејството. Целта на новата  даночната реформа ,  ќе биде иста како и претходната - намалување на нееднаквоста, односно редистрибуција на доходот од побогатите кон посиромашните.

– На пример имаме едно лице кое зема доход од 100.000 денари, а е единствен кој работи во семејството – жената не работи, децата се мали и на нив практично тие 100.000 денари им се единствениот доход. Имаме друго семејство од четворица возрасни, сите работат и земаат по 50.000 денари секој. Кое семејство е побогато? Треба превид да се земе домаќинството, вели Ангеловска

Минатата недела Владата одлучи да го врати рамниот данок на три години, затоа што прогресивниот не ги дал посакуваните ефекти. Нееднаквоста не се намалила,  бројката на сиромашни останала иста. Ова, според експерите било очекувано, - бидејќи  при воведување не се консултирале најзасегнатите – бизнис заедницата.

Прогресивниот данок стапи на сила од почетокот на годината, каде со 18% се даночеа лицата чиј вкупен приход надминуваше 1,500 евра. Се зголеми од 10 на 15% и данокот од приходите од кирии и добивки од игри на среќа.