Македонија
30. November 2021 - 16:43

Државата не прифаќа отстапки, пластичните кеси од утре по 15 денари

Пластичните кеси од утре ќе ги плаќаме по 15 денари за парче во сите субјекти. Со измените на Законот опфатени се и месарниците и отворените пазари. Целта на овие измени е да се намали користењето на пластиката.

Иако производителите на кеси велат дека оваа мерка може да ги затвори нивните капацитети, министерот за животна средина вели дека две години се работи на овие промени и тие имале доволно време за да се преориентираат кон производство на биоразградливи кеси.

Од овие 15 денари, 18 отсто ќе одат како ДДВ, а останатите 12,3 денари ќе влезат во нов Фонд во Министерството за животна средина.

-Овој Фонт ќе инвестира во одредени проекти и во подобрување на животната средина. Во исто време работиме заедно со Владата за да видиме дали можеме да поддржиме иновативни идеи за пакување, за нови видови на кеси, дали се тоа за пакување, дали се тоа од текстил или од хартија. Ќе гледаме да го поддржиме приватниот сектор во иднина за иновативни идеи и да имаме поздрава животна средина за нашите граѓани. Целата идеа е да се синхрозирираме со регулативата на Европската унија. Знам дека сите граѓани бараат да имаме почиста средина и ова се чекорите кои мора да ги преземеме ако сакаме да имаме почиста средина. Ние индивидуално мора да бидеме дел од процесот, вели Нуредини.

Производителите на кеси велат дека пред нив е тежок период. Нивните клиенти во моментот се збунети. Не знаат колкави количини да порачаат бидејќи и самите не знаат каква ќе биде побарувачката за кеси кај крајните потрошувачи. Поради тоа во моментот нивната продажба стои во место.

Велат, измени кон заштита на животната средина се неопходни и мора да се случат, но за тоа е потребно време. Се пожалија и дека не било консултирани во процесот на носење на овие измени.

-Драстично намалување на производството. Ние очекуваме процентуално некаде околу 70 отсто. Со самото намалување на производството нормално е да се очекува и оптуштање на делумно од капацитетот на луѓето, од самите вработени. Ние даваме се од себе да биде тоа во што е можно помал број, но тековно како ќе се одвиваат работите никој не може да каже, вели Игор Соколовски, производител на кеси.

Инвестициите во машини и опрема за да моожат да се преориентираат кон производство на биоразградливи производи се помеѓу половина милион и милион евра. Освен тоа, велат дека потребни се и дополнителни инвестиции во вработените, односно во нивна доедукација.

-Во нормален тек, не во овој пост-ковид економски период и се што ни се случува моментално би било нормално од 5 до 7 години да е периодот на адаптација на целата приказна, вели Соколовски.

Производителите на кеси велат дека за нив би било најприфатливо доколку цената на кесите се зголемува скалесто. Со тоа тие ќе добијат на време за да можат да се преориентираат кон производство на биоразградливи кеси.