Бизнис
16. September 2018 - 16:25

Државата ќе субвенционира преквалификација на невработените

Државата ќе финансира преквалификување на невработените лица според потребите на бизнис секторот. Ова е дел од оперативен план за поддршка на вработувањето за следната година. Се работи за шестмесечни обуки на активните баратели на работа за конкретни работни позиции по однапред познати услови за вработување. На тој начин ќе се обезбеди баланс меѓу понудата и побарувачката на пазарот на работна сила.

“Да ги детектираме сите невработени лица, прецизно по општини, а од друга страна да се забележат потребите на стопанството, на самите компании, во истите места. Шанса за сите, мерката која што сега ја дискутираме како идеа, би сакале да ја моделираме на тој начин да обезбедиме соодветна преквалификација на кадри во одредени општини, кои што реално, со оглед на образованието, во догледно време, не би можеле да најдат соодветно вработување. Има компании што имаат потреба од обучени вработени. Владата би ја поддржала преквалификацијата на овие лица, треба да бидеме оперативни и бргу да делуваме”, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Бизнис заедниците бараат повеќе вакви дирекни мерки за поддршка на вработувањето. Велат дека мора да се интервенира што поскоро зашто стручниот кадар е клучен за нивното делување.

“Проблемите со наплатата не се решени, туку се потиснати во втор план затоа што мислам дека влезот на странските компании во зоните и надвор од нив повлекоа доста кадар кој што беше во евиденцијата на агенциите и сега таму останаа само луѓето кои практично без дополнителна преквалификација не може да бидат апсорбирани во тој процес. Сето тоа нè наведува на помислата дека апсолутен приоритет мора да се даде натоа прашање”, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската Комора на Македонија.

И Владата и бизнис секторот се сложни дека оваа мерка ќе придонесе за намалување на невработеноста, а од друга страна, работодавците ќе го решат својот проблем со недостиг од квалификувани кадри.