Македонија
13. September 2019 - 16:18

Државата ќе им плаќа приватно обезбедување на четири најкритични здравствени установи

Професионално 24-часовно обезбедување ќе го чува медицинскиот персонал во 4-те најкритични здравствени установи стара градска болница, ургентен на Клинички и Клиниките за токсикологија и кардиологија. Ова било договорено на денешната средба меѓу министрите Филипче, Спасовски и претставници на лекарската комора, младите лекари и медицинските сестри по зачестените напади врз лицата во бели мантили. Филипче рече дека министерството ќе ги покрие трошоците за приватното обезбедување кое треба да спречи нови инциденти. Дополнително полиција почесто ќе патролира околу старата градска болница.

-Тие се согласија со ова зошто критично од секогаш била старата градска болница, тука е и најголемата фреквенција во доцните ноќни или раните утрински часови, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство

Филипче апелира на казнивост на напаѓачите на медицинскиот персонал за да не се случуваат вакви инциденти и во иднина.

-Постојат важечки закони кои предвидуваат сериозни казни, треба да се пристапи само кон казнивост, така ќе покажеме и луѓето ќе се подзамислат дека предвидени се затворски казни дали ќе посегнат по таква работа, додаде Филипче.

Според Филипче во два од четирите инциденти за една недела во тетовската, кавадаречката, старата градска болница и Драчево напаѓачите добиле притвор. За да запре насилството врз медицинарите од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари најавија протест на белите мантили во среда.