Македонија
31. July 2019 - 17:02

Државата ја почна постапката за изградба на новиот Клинички центар

Со заем од 500 милиони евра ќе биде изграден новиот Клинички центар. Кредитот е обезбеден од  конзорциум што го сочинуваат три странски банки кои дале најповолни услови. Пред да почне градбата на медицинскиот комплекс, локацијата Веле Поле треба да биде инфраструктурно подготвена со струја, вода и канализација. Министерот за здравство вели дека дел од парите за овие активности ќе обезбедат со ребаланс на буџетот. Со еден тендер кој ќе го распишат наредниот месец, надлежните ќе бараат и проект и фирма за градење.

- На почетокот на август ќе биде распишан тендер во кој ќе бидат вклучени во пакет проектот, изградбата, опремата и обуката на персоналот, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Новиот клинички ќе биде со површина од 105 000 метри квадратни и изградбата ќе биде во три фази.

- Новиот клинички центар во месноста Веле Поле во Ѓорче Петров ќе биде готов во 2027 година. Наместо на крајот на годината како што беше најавено, надлежните најавија дека темелите ќе бидат удрени на почетокот на 2020 година.

Според проекцијата на министерството за здравство, првата фаза треба да биде готова за 3,5 години и на пациентите ќе им биде достапна хирургија и интензивна нега а во втората фаза се гинекологија и педијатрија.

- Практично, веќе ја започнуваме изградбата на овој голем и капитален објект кој е од говлемо значење, вели Филипче.

Надлежните го обезбедија заемот, но нема информација колку е каматата и до кога ќе биде враќањето на кредитот. Филипче е четвртиот министер за здравство во чија агенда е нов клинички Центар.

Бујар Османи во 2009 најави медицински комплекс во Бардовци и остана само на тоа. Неговиот наследник Тодоров дојде дури до склучување на договор за изградба на ваков објект на местото на сегашните клиники. Таравари го раскина договорот на Тодоров, а Филипче најде нова локација за клинички. По десет години, темели се уште нема.