Македонија
6. November 2015 - 17:18

Дрвокрадците удрија по полицијата

Запленети десет просторни метри дабово огревно дрво, еден автомобил марка “Ауди”, поднесени три прекршочни пријави, оштетено полициско возило, е исходот од вчерашната заедничка акција на МВР и Шумската полиција во сузбивањето на дрвокрадството кое во прилепскиот регион зема се поголем замав. Според информациите од прилепските шумски полицајци, поголемата група дрвокрадци, подолго време ги пустошела шумите во реоните на Плетвар и Тројаци, особено во атарите на селата: Никодин, Беловодица и Дрен. 
 
Она што загрижува најмногу, како што појаснуваат од Шумската полиција, е тоа што дрвокрадците стануваат се поагрисивни, при што и вчера, по втор пат за неполн месец, во ромската населба Тризла, тие физички се пресметале  со полицајците. Пред еден месец, со сериозни повреди по главата и телото заврши шумски полицаец, а оштетено беше и полициското возило.  При вчерашната акција,  настрада само полициското возило.
Дрвокрадството во прилепскиот регион не е непозната работа. Голем дел од сопствениците на приватни шуми со години мака мачат во барањето начини како да ги заштитат своите имоти. Велат, дека, во последно време, загрижени се и  за личната безбедност, бидејки, агресивноста на дрвокрадците станува се поголема. Од Шумската полиција, пак, посочуваат дека со акцијата “Гора”, процентот на дрвокрадтсвото е намален, но, им требаат поголеми овластувања за поуспешно спарвување со ситуацијата.