Македонија
22. January 2019 - 16:28

Дрвокрадци бегајќи од полицијата ги запалиле дрвата и возилото со кое ги превезувале

Дрвокрадци нападнале шумски полицајци, а  потоа ги запалиле украдените дрва и возилото со кое ги пренесувале. Инцидентот се случил во близина на рудникот Огражден кај месноста Палазлија. Дрвокрадците биле откриени за време на редовна контрола од страна на шумската полиција. Откако ги затекнале на лице место полицијата  го блокирала патот и дала наредба за запирање. Но,  групата од десетина дрвокрадци наместо да застане продолжила да се движи со возилото кое било натоварено со украдените дрва. Со зголемена брзина ја поминале поставената блокада и удриле во полициското возило, но не застанале туку продолжиле да се движат. Откако ја поминале блoкадата ги запалиле и дрвата и нивниот автомобил и побегнале.

Во инцидентот нема повредени полицајци, но е направена материјална штета на службеното возило. Од шумската полиција во Струмица велат и покрај тоа што дрвокрадците побегнале нивниот идентитет е познат бидејчи се работи за група прекршители на која ова не и прв ваков случај. Целиот настан е пријавен и во СВр Струмица од каде се преземени мерки за негово расчистување. Инаку инцидентите со дрвокрадците во струмичко не се новина, од шумската полиција велат дека нивни вработени скоро секојдневно се соочуваат со вакви и слични ситуации. Така било и пред два дена кога била откриена друга група од која се одземени шест запрежни возила натоварени со крадени дрва.