Бизнис
16. March 2020 - 19:43

Драстичен пад на цената на горивата, РКЕ бара да не се исклучуваат потрошувачите кои не ги подмириле долговите

Корона вирусот предизвика историски пад на цените на горивата во земјава. Бензините паднаа за 7,5 денари, а дизелот за 6 денари. Почнувајќи од ноќеска по полноќ, Еуросупер 95 ќе се продава за 54,5 денари, додека литар Еуросупер 98 ќе чини 56,5 денари. Дизелот ќе се продава за 48,5 денари за литар. Ваквата одлука на Регулаторната комисија за енергетика е резултат на драстичниот пад на цената на суровата нафта на светските берзи.

“Ова е пониско од претходното рекордно намалување есента 2008 година, кога цената на бензините се намалила за 7 денари, а дизелот се намалил за 5,5 денари. Исто така, сакам особено да потенцирам дека споредено со сите земји од регионот, цената и на бензините и на дизелот е далеку пониска”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Од Регулаторна информираат и дека комуналните претпријатија нема да ги исклучуваат граѓаните, кои не платиле сметки.

“Сакам да изразам особена благодарност до ЕВН Хоум, БЕГ и сите комунални претпријатија, кои што се одзваа на нашата препорака и во овој критичен период ги прекинаа сите исклучувања на потрошувачите од мрежите на кои што се приклучени”, вели Марко Бислимовски.

Сепак, доколку се случи некој корисник да биде исклучен од мрежата за струја, вода или парно, Бислимовски порачува граѓаните да го пријават тоа на дежурните служби во Регулаторната комисија за енергетика.
Од ЕВН информираат дека целосно ги затвараат приемните канцеларии и инфо центарот, нема да изведуваат нови приклучоци, освен ако е неопходно, а најмалку еден месец нема да ги отчитуваат мерните места.