Свет
22. February 2017 - 20:37

Драматично зголемување на бројот на исламисти во Германија

Германската Агенција за заштита на уставност (Бе -Еф - Ве) објави дека во Германија за четири години се случил драматичен раст на бројот на членови на исламски радикални групи.

Како што јавува дописникот на МИА од Берлин, според Бе -Еф - Ве во 2013 година во Германија имало околу 100 регистрирани исламисти, а сега тој број е околу 1600. Според шефот на агенцијата Ханс Георг Масен само за неколку месеци бројот на радикални исламисти се зголемил за неколку стотина.

„Секој ден добиваме информации за две до четири планирани терористички активности во Германија. Мораме да признаеме дека живееме во ситуација која што не е нормална“, вели Масен во изјава за германските медиуми.

Според Бе -Еф - Ве дел од причините за зголемувањето на исламистите во Германија е обемното медиумско покривање на терористичките напади што се случија во земјата во последнва година како и можноста за екстремистите да се поврзат преку интернет. Анализите на службите покажуваат дека постои огромна опасност од радикализација на млади луѓе преку социјалните мрежи а нивните роднини и пријатели воопшто да не го забележат тоа.

„Овие социјални групи лесно се пронаоѓаат меѓусебно, на пример преку луѓето кои што се дел од нивната џамиска заедница, а луѓето со кои што живеат во реалнипт живот не можат да забележат никаква промена кај нив“, вели Масен според кого од 1600 исламисти во Германија околу 570 се сметаат за опасни и способни да спроведат териристички напад. 
Најголем дел од исламистите за кои Германија организира мониторинг се припадници на салафистичкото движење кое и покрај серијата претреси, апсења и кривични пријави од страна на германските власти сеуште е силно и добро организирано во земјата.