Свет
23. November 2018 - 8:20

Драма во Средоземното море, 800 мигранти спасени во Шпанија

Шпанските власти соопштија дека вчера во западниот дел на Средоземното Море спасиле 778 мигранти.

Службите за спасувачки операции на море на Твитер соопштија дека спасиле 590 луѓе кои пловеле со вкупно 12 бродови.

Цивилната стража соопшти дека спасила уште 188 мигранти кои патувале од северна Африка.

Според податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи, од јануари во Шпанија пристигнале околу 50.000 илегални мигранти и бегалци со вкупно 2.000 бродови.

Од почетокот на годината, според Меѓународната организација за миграции, во Средоземното Море се удавиле над 600 мигранти кои се обиделе да стигнат до Шпанија.