Македонија
31. January 2018 - 16:18

Драган Спасов-Дац си поднесе оставка откако синоќа со автомобил удри во девојка

Првиот човек на МНТ Драган Спасов Дац си поднесе оставка, откако вчера со автомобил БМВ удри во 27 годишна девојка, возејќи под дејство на алкохол.

Дац ја призна вината на Фејсбук каде ја објави  својата оставка. Неколку минути пред настанот испив чашка алкохол пишува Дац. Откако завршил увидот заедно со сопругата ја однеле девојката на превентивен преглед во најблиската болница каде било констатирано дека не се здобила со телесни повреди.

- Мојата претпоставена вина е што неколку минути пред настанот имав испиено една чашка алкохол, поради што , при алко тестот на лице место, мојот наод беше позитивен. Длабоко жалам и воедно искрено и се извинувам на девојката и на нејзиното семејството. Во име на чувството на лична одговорност како човек и јавен службеник во нашата земја, свесен за личната вина, давам неотповиклива оставка на функцијата В.Д. Директор на МНТ, пишува Дац.

Министерот  за култура Алаѓозовски ја прифати оставката, откако и Владата го осуди овој инцидент .

МВР потврди дека се работи за актерот и директор кој управувајќи  со возило БМВ удрил во девојка пешак. Сообраќајката се случила на улицата Антон Попов кај Шампионче  во Кисела Вода околу 19 часот а девојката според извештајот од МВР била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски“ каде и се констатирани телесни повреди, по што е пуштена на домашно лекување.