Македонија
16. February 2017 - 8:53

ДПМ ќе го одбележи 70-годишниот јубилеј со свечен собир

Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе го прослави својот 70-ти роденден со свечен собир на кој ќе им бидат врачени наградите за најдобри книжевни остварувања на лауреатите за 2016  година. 

Наградата „Ацо Шопов“ за поезија ја доби Гордана Михаилова-Бошнакоска, добитник на наградата за проза „Стале Попов“ е Лилјана Пандева, наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика и се доделува на Кристина Николовска, а Александар Поповски е добитник на наградата за литература за деца „Ванчо Николески“. 

Од 540 членови на Друштвото на писателите на Македонија, триесет членуваат повеќе од половина век. Тоа се писателите: Матеја Матевски, Цане Андреевски, Методија Фотев, Милан Ѓурчинов, Илхами Емин, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Јован Павловски, Георги Сталев, Оливера Николова, Радован Павловски, Душко Родев, Георги Старделов, Божин Павловски, Михаил Ренџов, Јован Стрезовски, Видое Видически, Фахри Каја, Миле Неделкоски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Владимир Костов, Луан Старова, Ристо Јачев, Иван Ивановски, Нусред Дишо, Трајан Петровски, Стојан Тарапуза, Иван Чаповски, Александар Поповски и Милан Терзовски.

ДПМ соопшти дека по повод својот роденден на посебна манифестација ќе изложи избор од десетиците книги на овие писатели затоа што нивните естетски дострели, како што посочува, претставуваат константа на богатиот и буен развој на современата македонска литература.

По повод 70-годишниот јубилеј од формирањето, ДПМ ќе им подари по илјада книги на библиотеките на основните училишта „Блаже Конески“ и  „Ацо Шопов“ и на библиотеката на читалиштето „Славко Јаневски“ во Скопје, именувани по основоположниците на македонската писателска асоцијација.  

ДПМ соопшти и дека на денешниот свечен собир ќе му додели Повелба на стопанственикот Трифун Костовски кој по повод 70 години од неговото формирање донирал 100.000 денари.

- По повод овој чин, ДПМ на Трифун Костовски, чија фондација при МАНУ со години е редок пример на вложувања во областа на науката и уметноста, му изразува јавна благодарност за неговата поддршка на културните и творечките процеси. Во знак на признателност, на Костовски ќе му биде предадена Повелба на ДПМ за осведочен поттикнувач на вредностите во културата и поклоник на големото дело на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација, информираше ДПМ.

На 13 февруари 1947 ДПМ е формирано како професионално здружение на писателите од Македонија од страна на: Васил Иљоски, Блаже Конески, Ристо Крле, Славко Јаневски, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко и Ацо Шопов. За прв претседател на ДПМ бил избран Блаже Конески. 

Во изминатите седум децении во ДПМ членувале 540 писатели кои создале илјадници дела во областа на поезијата, романот, расказот, драмата, критиката, есеистиката и литературата за деца.

ДПМ го издава списанието „Стожер“ и ги доделува годишните награди „Ацо Шопов“, „Стале Попов“, „Димитар Митрев“ и „Ванчо Николески“, како и наградите „Книжевен жезол“ - за поетски опус со високи естетски вредности и „Книжевен мост“ - за дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија.