Македонија
9. September 2016 - 16:36

Дождовите не предизвикаа сериозни поплави

Нема поплавени места во Македонија по вчерашните врнежи од дожд. Дирекцијата за заштита и спасување за Сител вели дека ниту една локална самоуправа не побарала помош за интервенција од ДЗС.

Обилните врнежи ја заматија водата за пиење во Кавадарци но последните информации говорат дека е избистрена и може да се користи за пиење.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија велат дека повеќе од 1 месец по поплавите каналот за атмосферски води крај обиколницата целосно е затрупан, што претставува опасност за луѓето кои се движат во овој дел.

На прес конференцијата на СДСМ реагираше општина Гази Баба, велејќи дека стручни лица од ЈП Водостопанство Скопско Поле и претставници од општината направиле увид во каналската мрежа при што било констатирано дека и по тридневните врнежи од дожд, пропусната моќ на каналите е во добра состојба.

Инаку управата за хидрометеоролошки работи предвидува дека врнежливото време ќе се задржи до вторник.

Од УХМР велат дека стабилизација на временските услови во Македонија се очекува од вторник па се до крајот на следната недела.