Македонија
30. November 2020 - 8:16

Дождливо и студено, од попладне облачноста ќе се намалува

Облачно време со повремен слаб дожд во утринските часови ќе преовладува денеска во земјава. На некои повисоки места и на планините се очекува слаб снег, а можна е и изолирана појава на замрзнат дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер.

Во текот на денот облачноста ќе се намалува. Минималната температура ќе се движи во интервал од -1 до 5, а максималната од 4 до 10 степени.

Во Скопје претпладне облачно со повремен слаб дожд, а на околните планини ќе има слаб снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.

За вторник синоптичарите најавуваат претежно сончево време со утринска магла по одделни котлини и со ниски утрински температури, а веќе од среда повторно ќе преовладува умерено до значително облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец.