Бизнис
23. October 2018 - 16:30

Довербата во трговијата на интернет расте, време е компаниите да го превземат пазарот

Една третина од населението во земјава во изминатиот период купило барем еден производ или услуга преку интернет, покажува статистиката.

Според експертите, важно е домашните компании индивидуално или заеднички да ги понудат своите производи на интернет пазарот. Тоа би значело раст на продажбата, зголемување на вработувањето и намалување на дел од трошоците.

“Пред сè, самите компании треба да го сторат тоа поради лична корист, поради зголемена продажба и зголемен профит. Зошто тоа до сега не се прави? Мислам дека станува збор за премала обука и премало знаење од страна на компаниите. Не е толку отсуство на волја и не е толку отсуство на она што се нарекува следење на трендови, колку што е немање на доволно капацитет и страв да се проба нешто ново”, вели Бојан Кордалов, експерт за социјални медиуми.

Познавачите велат дека стравот од злоупотреба на податоци полека се намалува. Луѓето сè почесто користат интернет, а компаниите треба да ја зграбат таа шанса и на секој начин да се обидат да дојдат до повеќе потрошувачи и поголем профит.

“Затоа ќе кажам дека е жално, или навистина треба многу да ни биде криво што најголем дел од овие трансакции, или купувања, одат во странство. Има простор за подобрување, меѓутоа компаниите, здруженијата за електронска трговија, сите комори, треба да се здружат и да ја препознаат оваа потреба за да ги зголемат своите профити, да ги зголемиме вработувањата и фатиме тренд со светот во насока на подобрување на економските параметри”, смета Кордалов.

Во Македонија едвај 1% од домашните фирми имаат интернет продавници.