Македонија
6. јуни 2023 - 16:35

Довербата во судството не се враќа со условни осуди за големи скандали

Случаите во кои профилираат високи политички фигури, а наместо ефективни затворски казни се оди кон условни казни или кон застарување на делото влијаат на ниската доверба во судовите. 

Адвокатот Јанаки Митровски вели дека од предсудата за пожарот во модуларната болница кој однесе 14 жртви, не може да биде задоволен никој, ни јавноста ниту семејствата. 

Според адвокатот условните казни се компромис, за да има некаква одговорност за случајот.

Ден по пресудата, министерот за здравство не сакаше да ја коментира одлуката на тетовскиот суд, ќе направел се да не се повтори повторно. 

За опозициската ВМРО ДПМНЕ, ваквата пресуда е доказ колку судството е под притисок на власта. Одлуките се носат зависно од тоа дали лицето кое е предмет на постапката е блиско до власта или не, велат од партијата.

Тетовскиот суд вчера изрече условна пресуда за директорите Флорин Бесими и Артан Етеми и Клиничката болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, а ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Истрагата на МВР и на специјален тим истражители од Германија покажа дека причина за трагедијата е дефибрилатор кој бил приклучен на продолжен кабел.