Македонија
22. May 2021 - 8:30

Досега се вакцинирани 240.000 граѓани

 Досега се вакцинирани над 200.000 граѓани, од кои 40.000 се ревакцинирани, што значи дека досега во земјава се дадени 240.000 дози на вакцини.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека пријавени, а невакцинирани има 150.000 граѓани. Сите пријавени на возраст над 65 години заклучно со 13 мај, ќе бидат вакцинирани до крајот на оваа недела. Тоа опфаќа речиси 47 проценти од граѓаните над 70 години, односно речиси 40 проценти од граѓаните над 65 години.

Министерството за здравство подготвува кампањи за вакцинација, во очекување да пристигнат нови дози вакцини.

Во почетокот на наредната недела, пак се очекува и кај нас да биде воведен зелелен пасош за патување. Зелениот пасош за граѓаните на Македонија кои се вакцинирале против коронавирусот, ќе важи и за оние кои се вакцинираа во Република Србија. Граѓаните се што треба да направат е да се најават на апликацијата и да се испрати електронска пошта со нивни податоци, а кју-ар кодот на сертификатот, што е добиен од која било држава се скенира.

-Кју-ар кодот ќе биде генериран и видлив во апликацијата и сите други кју-ар кодови наменети за ПЦР тестирања, од следната недела. За време на претстојниот викенд и следната недела ќе се споделат технички податоци преку системот на „Мој термин“ што треба акредитираните лаборатории да издадат како свој документ за на таа апликација може да има код, што ќе ги содржи податоците за вакцина или за секој следен ПЦР тест што ќе биде направен, а ќе се генерира со тоа што ќе се внесе кодот во апликацијата, објасни министерот Филипче. Важно е, како што рече, освен документи во хартиена форма да имаме и апликација за што и да биде побарано од нашите граѓани при патување во која било земја ние да бидеме подготвени.

Тој посочи дека македонскиот зелен пасош е усогласен со критериумите на европскиот зелен пасош, односно се води по критериум на Комон пас апликацијата, што е најшироко прифатена и на аеродромите и земјите членки во Европската Унија.