Македонија
17. October 2021 - 14:35

Досега нема никаква потврда дека 83 криминалци со оружје сакаат да ги попречуват изборите, вели Ангеловски

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во изјава за Сител рече дека досега нема никаква потврда дека 83 криминалци со оружје сакаат да ги попречат изборите. Ваква информации соопшти Основното јавно обвинителство, посочувајќи дека до нив од американската Амбасада пристигнал допис. Оваа информација до амбасадата на САД во Скопје пристигнала од член на една политичка партија.

- Не е пријавата од американската Амбасада, туку е од лице од политичка партија која што доставила до нив вакви информации. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности во координација со Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и апсолутно досега нема никаква потврда за ваквите информации. Како што гледате и самите гласачкиот процес се одвива безбедно без какви било посериозни нарушувања и апелирам до граѓаните да не се вознемируваат, напротив слободно да излезат на гласачките места, да  го изразат своето гласачко право, а МВР ја гарантира безбедноста на целиот изборен процес, рече Ангеловски.

Рече дека досега не се забележани поголеми инциденти, но како најинтересен го извдои случајот во Росоман каде 61-годишна жена позитивна на Ковид отишла на гласање. Таа ќе добие кривична пријава.