Македонија
17. August 2016 - 12:51

Досега 6.181 граѓанин се пријавил за регулирање на избирачкото право

Вкупно 6.181 граѓанин денеска до Државната изборна комисија (ДИК) се пријавиле за регулирање на избирачкото право. Овие лица се меѓу 39.502 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците во Избирачкиот список.

Од нив, 2.743 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 3.438 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет страницата на Комисијата. Електронските пријави подлежат на дополнителни проверки од страна на Комисијата. 

Најмногу пријавени има во општините Чаир-833, Сарај-471, Тетово-422, Куманово-415 и Кичево - 311. 

Рокот за пријавување на граѓаните кои се наоѓаат на списокот со спорни записи завршува во петок на 19 август. Дотогаш граѓаните кои сакаат да го регулираат избирачкото право можат да се обратат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, кои ќе работат до 19:00 часот, или тоа да го направат преку апликацијата на веб страната на Комисијата, која ќе биде отворена до полноќ. 

Регулирањето на избирачкото право граѓаните ќе можат да го направат и за време на јавниот увид во Избирачкиот список пред изборите што најверојатно ќе се одржат оваа година.