Македонија
3. March 2016 - 14:34

Дополнувањата на Законот за одбрана не добија доволен број гласови од пратениците

Предложените дополнувања на Законот за одбрана денеска по два дена расправа не добија поддршка од Собранието на Република Македонија. За предлогот од вкупно 91 пратеник, за гласаа 54, а против 37 пратеници. Според Уставот, за овој Закон да биде поддржан потребно е двотретинско мнозинство од гласовите од вкупниот број пратеници.

Со дополнувањето се предлагаше Министерството за одбрана да биде ослободено од плаќање царински давачки и даноци за оружје и воена опрема за модернизација на Армијата на Република Македонија, но и ослободување од ДДВ за прометот на станови и станбени згради со примена на повластена даночна стапка на промет во висина од  5 проценти, за намалување на трошоците на припадниците на АРМ за решавање на станбеното прашање во рамки на проектот „АРМ мој дом“.

Според министерот за одбрана Зоран Јолевски, на ваков начин со планот за модернизација Република Македонија во наредните години ќе ги исполни стандардите поставени од НАТО, два проценти од БДП да бидат за одбраната, а 20 проценти од нив за модернизација.

Во расправата пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ се изјаснија дека нема да дадат поддршка на педложеното дополнување на Законот за одбрана.

Според СДСМ, станува збор за неформален ребаланс на буџетот и оти доколку требало средства за одбраната требало да се обезбедат со буџетот на РМ. Според нив, за тоа не треба да се користи и бегалската криза која, како што рече Миле Андонов, е од хуманитарен карактер и оти по должина на бегалската рута нема да се употребува оружје и опрема.

Горан Сугарески од СДСМ посочи дека „нема да гласаат на слепо“ и побара да се изгласа колку средства од Буџетот се потребни за опрема, оружје и за стандард на Армијата.

Талат Џафери од ДУИ посочи дека нема никаква дилема за потребите од опрема и стандард на Армијата, но оти има многу нејаснотии во  предложеното законско решение. Тој смета дека бегалската криза не треба да се користи за донесување на ова законско решение.

За парламетнарното мнозинство тоа е позитивно, добронамерно и потребно со оглед на актуелната состојба со бегалската криза. 

Според Антонио Милошоски овој предлог е добронамерен и има голема потреба да биде донесен. Тој истакна дека ќе биде од помош за сите припадници на АРМ, но и дека во актуелниот момент е многу потребна набавка на опрема.

Илија Димовски посочи дека законското решение треба да добие поддршка, бидејќи тоа е институција во која граѓаните најмногу веруваат.

Собранието продолжи со работа по дневниот ред од 92. седница. Пратениците расправаа по измените и дополнувањата на Законот за политички партии, поднесен од Лилјана Поповска, за што ќе гласаат по едночасовната пауза.