Бизнис
8. November 2018 - 13:09

Дополнителни 43 милиони денари за наводнување од ребалансот на Буџетот

Со ребалансот на Буџетот за водоснабдување во земјоделството се обезбедени дополнителни 43 милиони денари.

Како што соопшти денеска Министерството за земјоделство, над 23 милиони денари се проектирани за втората фаза од Проектот Јужновардарска долина со што се овозможува почетокот на изградбата, а нови 20 милиони евра се наменети за капитални проекти во делот на водоснабдувањето чија реализација треба да почне идната година.

За наводнување се на располагање уште 1,8 милиони евра преку ИПА 2015 програмата што ја спроведува проектот „Мали економични и еколошки системи за наводнување“ и во рамки на кој во завршна фаза е проектирањето на три од осум мали системи за наводнување за кои до крајот на годината треба да се распише тендер за изведба. Идната недела, пак, почнува проектирањето на уште два система за наводнување.

-Во моментот градежните активности за системот „Равен – Речица“ се во полн ек. Со овој систем се овозможува наводнување на над 3.300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Вкупната вредност на инвестицијата за реализирање на главниот доводен цевковод од „Равен – Речица“ е околу  975 милиони денари. Изградбата ќе се реализира во две фази и се очекува да трае пет години. За финансирање се предвидени средства од Буџетот на РМ, преку Програмата за руралниот развој. Паралалено, интензивно се гради и браната Конско во гевгелискиот регион. Градилишната населба, амбулантата и теренската лабораторија се веќе во функција. Со оваа брана, од сегашните 1.500 хектари, наводнуваните површини ќе се зголемат на околу 8.000 хектари. Висината на оваа инвестиција изнесува 40 милиони евра, обезбедени од буџетот на МЗШВ, наведува Министерството.

Во завршна фаза се и преговорите со потенцијалниот изведувач на втората фаза од Јужновардарска долина со што ќе почне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште со кој ќе се наводнуваат нови над 2.000 хектари земјоделски површини во валандовскиот регион. Интензивно се одвиваат градежните работи на браната на Оризарска Река. Во завршна фаза е изградбата на патот до телото на браната, активно се работи на асфалтирањето и потоа почнува изградбата на браната.

-Со изградбата на оваа брана ќе се реши водоснабдувањето на повеќе населени места во општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево. За десетина дена завршува реконструкцијата на системот за наводнување Врсаково во Штипско. Станува збор за инвестиција вредна 40.000 евра. Овој систем за наводнување стои руиниран 20 години, сега со реконструкцијата ќе се обезбеди наводнување на нови околу 250 хектари земјоделски површни. Неодамна, пак, германската развојна банка KfW и обезбеди на Македонија нови 20 милиони евра за реализација на проектите  „Програма за наводнување на јужната вардарска долина фаза 3“ и „Повеќенаменски ХС Лисиче“ втора и трета фаза што се од исклучително значење за велешкиот и валандовскиот регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подoбрување на конкурентноста на земјоделството, ифнормира МЗШВ.