Балкан
21. February 2020 - 13:58

Дополнителен персонал во болниците на грчките острови погодени од бегалските и мигрантските бранови

Итно вработување на доктори, медицински сестри и болнички персонал во болниците на петте грчки острови погодени од бегалските и мигрантските бранови, предвидува иницијативата на Министерството за здравство на Грција, како што соопшти надлежен министер Василис Кикиљас, говорејќи во интервју за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во однос на петте острови и државните болници, во согласност со владата, ќе донесеме законодавна иницијатива во рамките на законите на Министерството за миграциска политика, за да ги зајакнеме болниците на овие острови. Потребно е зајакнување и поддршка, бидејќи се направени за да бидат во служба на жителите на островите. Па така, прв приоритет се овие луѓе, жителите на петте острови. Треба да ги зајакнеме нашите болници и тоа ќе го сториме со закон за да може да се забрзаат процедурите. И секако, хуманисти сме, Грци сме, гостопримливи сме, ќе ги поддржиме и центрите за идентификација и регистрација, рече Кикиљас

Во однос на новите затворени центри што ќе се градат на островите, министерот за здравство на Грција рече дека планирано е во внатрешноста да има здравствени единици за луѓето кои што ќе бидат сместени во центрите.