Македонија
7. December 2016 - 13:47

Донесен новиот Буџет на Општина Аеродром

Буџетот на Општина Аеродром за 2017 година изнесува 18 милиони евра, соопштија денеска од општината. Буџетот бил донесен на вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром.

Од него 11 милиони се предвидени за дотации и плати во основните училишта и градинки и за општинската администрација, додека остатокот од седум милиони евра се планираат за реализација на проекти. Половина од седумте милиони се наменети за довршување на почнатите проекти во 2016 година, а другата половина на средствата за нови проекти предвидени за 2017 година.

Меѓу покрупните проекти опфатени во Буџетот за реализација во 2017 година се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче со капацитет за повеќе од 250 дечиња и промена на фасадите на 10 згради со енергетски ефикасни материјали.

Добар дел од буџетот предвидува реализација на инфраструктурни објекти како изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“, „Коста Новаковиќ“ и „Новопланирана 5“, како и краците на улицата „Методија Шаторов - Шарло“, изградба на три нови улици во Индустриска зона (новопланирани 4, 6 и 8), нова улица во Мичурин („Новопланирана“ 7) и изградба на атмосферска канализација во Долно Лисиче.