Свет
22. July 2016 - 8:46

Доналд Трaмп прифати да биде претседателски кандидат на Републиканската партија

Доналд Трамп синоќа изјави дека со смиреност и благодарност прифаќа да биде кандидат на Републиканската партија за нов американски претседател, на изборите што ќе се одржат во ноември.

- Нашата партија ќе се врати во Белата куќа, нашата земја ќе си ја врати сигурноста, благосостојбата и мирот. Ние ќе бидеме земја на изобилство и топлина, но ќе бидеме, исто така, и земја во која ќе царува јавниот ред, изјави милијардерот на почетокот од својот говор на партискиот Конвенција во Кливланд.

Трамп го обвини својот политички ривал од Демократската партија, Хилари Клинтон дека нејзиното наследство како државен секретар од првиот мандат на претседателот Барак Обама се изразува со „смрт, разурнувања, тероризам и слабост“.

Како што јавија американските медиуми, тој пред делегатите рече дека безбедноста во САД е намалена, а светот станал понестабилен откако Клинтон застана на чело на Стејт департментот.

- Наследството на Хилари Клинтон не треба да биде наследството на САД. Проблемите, пред кои сме исправени сега, сиромаштијата и насилството дома, војните и разурнувањата во странство, ќе продолжат доколку продолжи да се смета на истите политичари, кои ги создадоа, рече Трамп.

- Се додека сме раководени од политичари кои САД не ги поставуваат на прво место, можеме да бидеме сигурни дека другите земји нема да се однесуваат кон нас со респект, нагласи Трамп.