Свет
10. May 2017 - 8:54

Доналд Трамп го смени од функцијата директорот на ФБИ Џејмс Коми

Американскиот претседател Доналд Трамп го смени од функцијата досегашниот директор на Федералното биро за истрага (ФБИ), Џејмс Коми во врска со неговото справување со истрагата за електронската пошта на Хилари Клинтон, соопшти Белата куќа.

Сменувањето на Коми доаѓа откако неговото минатонеделно сведочење пред сенатскиот комитет за правда, покажа дека директорот на ФБИ давал погрешна информација за мејловите на Клинтон.

Отказот за директорот, се случува во моментот кога Бирото води истрага околу сомнежите за врските на лица од тимот на Трамп во текот на претседателската кампања, со Русија.

Ваквата одлука на претседателот Трамп, според американските медиуми, предизвикала „вчудоневиденост“ во политичката јавност во Вашингтон и неверување, затоа што станува збор за потег каков немало од почетокот на седумдесетите години на 20 век и времето на тогашниот претседател Ричард Никсон.

Во писмото на Трамп до Коми, претседателот напишал дека се согласил со препораката за сменување што му ја дал државниот обвинител Џеф Сешенс, за тоа дека актуелниот директор на ФБИ „не може повеќе ефикасно да раководи со Бирото“.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека одлуката за отказот на Коми стапува веднаш во сила и дека веќе забрзано се трага по нов човек за кормилото на ФБИ.

Коми (56) беше на директоркста функција од пред четири години и имаше уште шест, до крајот на неговиот мандат.

На 3 мај, во текот на своето сведочење пред сенатскиот комитет, Коми рече дека Хума Абедин, советничка на Клинтон префрлила „стотици и илјадници мејлови, некои со доверлива содржина“ на својот тогашен сопруг.

Комитетот вчера, меѓутоа, прими служено писмо од ФБИ во кое се признава дека Абедин има испратено само два врзани мејлови, со класифицирана содржина и тоа преку службениот „Блекбери“.

Коми целата истрага против Хилари Клинтон ја водеше испитувајќи дека кога била државен секретар, таа и некои од најблиските советници, разменувале мејлови со службена содржина, преку нејзиниот приватен сервер.

Во јули, минатата година, тој соопшти дека ја запира истрагата против тогаш претседателскиот кандидат Клинтон, но на 11 денови пред гласањето за нов претседател на САД, Коми соопшти дека одново ја отвора истрагата, за да утврди некои нови откритија.

Хилари Клинтон уште веднаш по соопштувањето на изборните резултати, го обвини директорот на ФБИ дека со својата одлука директно влијаел врз исходот на изборите и за нејзиниот неочекуван пораз.

Сега веќе сменетиот директор, на сослушувањето во Сенатот ги отфрли таквите нејзини обвинувања и рече дека одново би реагирал на истиот начин.