Македонија
16. September 2017 - 14:03

Донација од НАТО за Сојузот на слепи лица-Битола

Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт - Битола, на Сојузот на слепи лица Битола им додели донација од компјутерска опрема и наменски софтвер за слепи лица.

Донацијата содржи 10 компјутери со кои непречено ќе работаат обучени слепи лица, а е обезбедена од доброволниот фонд на НАТО, посочи Горазд Бартол, шеф на канцеларијата на НАТО во Македонија.

- Технологија се дефинира како примена на научни сознанија во практични цели, а за тоа сведочиме и ние денес бидејќи научните сознанија ќе бидат во функција на слепи лица кои имаат право за пристап до интернет технологија, рече меѓу другото Бартол на свеченоста во Битола.

Донацијата од НАТО ја обезбеди Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола, чиј основач, професорот Игор Неделковски истакна дека компјутерите ќе бидат лесно употребливи бидејќи извршена е обука на заинтересираните слепи лица.

- Сите компјутери содржат т.н. скрин лидер софтвер кој е адаптиран на македонски јазик и со тоа на сите слепи лица им се овозможува да навлезат во светот на информатичките технологии. Исто така, компјутерите овозможуваат и гласовна комуникација, појасни Неделковски.

Вкупната вредноста на донацијата изнесува 15.000 евра.